Плаќаме за професионална услуга или за импровизација?
Имам чувство дека сè почесто плаќаме за услуга, а добиваме импровизација. Импровизацијата стана стандард во речиси секоја услужна дејност.
Одиш на фризер, плаќаш 2000-3000 денари за фризура, па кога ќе се вратиш дома ја поправаш. Или одиш на шминкер, па потоа бришеш дел од шминката за да изгледаш поприродно.
Консултираш адвокат, банкар или сметководител за да не донесеш погрешна одлука, а потоа дополнително проверуваш и на интернет, разговараш со ChatGPT или бараш уште едно мислење. Не затоа што мислиш дека знаеш повеќе од нив, туку затоа што веќе премногу пати си бил разочаран. Не си сигурен дали навистина те сослушале и се потрудиле да го разберат твојот проблем.
А проблемот е што полека се навикнавме.
Полека ги намаливме очекувањата.
- Кога некој ќе задоцни два часа, велиме: „Добро е, барем дојде.“
- Кога ќе ни направат половично добра работа, велиме: „Ајде, можеше и полошо.“
- Кога ќе мораме сами да поправаме туѓи грешки, си велиме дека така функционираат работите кај нас.
И најопасното од сè – престанавме да очекуваме професионализам. Наместо да бараме подобра услуга, бараме некој што барем нема целосно да нè разочара.
Тоа најдобро се гледа токму во индустријата во која работам. Кога нарачуваме мебел по мерка, не очекуваме дека некој ќе ни предложи подобро решение. Не очекуваме дека ќе добиеме технички цртеж, дека некој ќе размисли како полесно ќе се отвора вратата, дали ќе има доволно простор за движење, дали ќе може утре нешто да се сервисира.
Не очекуваме ни некој да ни каже дека идејата што сме ја замислиле можеби не е најдобро решение.
Очекувањата ни се сведени на едно: само да го завршат и да не биде полошо отколку што замислувавме.
Добрата услуга не е луксуз.
Не е нешто за што треба да бидеме благодарни.
Таа е минимумот што треба да го добиеме кога плаќаме некого да си ја работи професијата.
Можеби првиот чекор кон подобри услуги не е да најдеме подобри мајстори. Можеби првиот чекор е повторно да почнеме да очекуваме повеќе. А и проблемот не е само во оние што ја даваат услугата. И ние, како клиенти, сме дел од приказната. Колку пати сме избрале поевтина понуда без да прашаме што всушност добиваме? Колку пати сме рекле: „Нема врска, тамам е“, иако знаевме дека не е тамам?
Ако добрата услуга денес изгледа како пријатно изненадување, тогаш нешто сериозно сме згрешиле како општество.
Ние во MINIMAL не сакаме да бидеме исклучок. Сакаме тоа повторно да стане правило.