Никогаш не затвораме - Купувајте онлајн
септември 25, 2026

Професија од соништата? Само додека не почне реализацијата.

Кога креативната професија ќе престане да биде креативна

Кога ќе ме праша некој што работам и ќе кажам дека се занимавам со дизајн на ентериери, реакциите најчесто се:

„Леле, колку интересно! “
„Колку креативна професија! “
„Прекрасно, цел ден си опкружен со убави простори! “

И да — навистина е така.

Но, постои и една друга страна на оваа професија за која многу поретко се зборува.

Онаа во која креативноста понекогаш останува некаде на страна, а денот се претвора во бескрајно решавање проблеми.

Особено кога не работиш само на идејниот дел од ентериерот, туку си вклучен и во неговата реализација. Или, уште „полошо“, работиш како проектант во производен погон за мебел.

Тогаш, покрај дизајнер, стануваш и координатор, преговарач, контролор на квалитет, логистичар, а понекогаш и посредник меѓу пет различни страни.

И многу често — човек што чека.

Чекаш мајстор.
Чекаш материјал.
Чекаш добавувач.
Чекаш транспорт.
Чекаш машина да биде поправена.
Чекаш дел да биде изработен повторно затоа што првиот не излегол како што треба.
Чекаш да се ослободи монтерот.
Чекаш клиентот да донесе одлука.

А рокот?

Рокот не чека.

Зад убавиот финален ентериер често стојат часови телефонски разговори, пораки доцна навечер, промени во последен момент, поместени рокови, дополнителни мерења, повторни нарачки и бескрајно присуство на лице место.

А кога конечно ќе заврши денот, не завршува и работата.

Само се преселува во главата.

„Дали сè е нарачано? “
„Дали ќе стигне материјалот? “
„Дали монтажата ќе помине без проблем? “
„Дали нешто сум заборавил/а? “
„Што ако утре се појави уште еден проблем? “

Клиентот не треба да го чувствува целиот хаос зад сцената. За него, процесот треба да изгледа едноставно.

Можеби и токму затоа луѓето мислат дека ова не е сложена работа и дека можат сами да ги уредат своите домови.

И тоа е прекрасно.

Но, кога немаш искуство, можеш да потрошиш многу време, пари и нерви на работи што можеле да се избегнат уште на почетокот.

Да купиш мебел што е преголем.

Да поставиш осветлување на погрешно место.

Да комбинираш премногу материјали.

Да оставиш премалку простор за движење.

Да нарачаш мебел или електрични апарати / уреди пред да ги провериш сите димензии.

Да избереш нешто што изгледа прекрасно на фотографија, но во твојот простор едноставно не функционира.

И токму затоа, добриот ентериер не започнува со купување, започнува со добри одлуки.

И затоа го создадовме„УРЕДУВАЈ САМ, КАКО ДИЗАЈНЕР“

Од оваа идеја произлезе и нашиот нов дигитален прирачник „УРЕДУВАЈ САМ, КАКО ДИЗАЈНЕР“.

Не е создаден за да ве направи дизајнери на ентериер.

Туку за да ви помогне да избегнете дел од грешките што најчесто го прават уредувањето непотребно комплицирано, скапо и стресно.

Во него се собрани 30 куси лекции и практични совети за одлуките што прават најголема разлика: од распоредот и димензиите на мебелот, преку осветлувањето и боите, до материјалите и деталите што често се забораваат.

Тие се фокусирани на одлуките што луѓето секојдневно ги носат, без да се свесни дека токму тие им го расипуваат конечниот резултат.

Затоа што убавиот дом не мора да значи огромен буџет.

Но бара добри одлуки.

А понекогаш, една добра одлука на почетокот може да ви заштеди многу пари, време — и нерви подоцна.

УРЕДУВАЈ САМ, КАКО ДИЗАЈНЕР.

септември 9, 2026

Убавината не е совршена! Совршенството е за луѓе без имагинација!

Човечка тенденција е постојано да трага и да бара подобри решенија, пофункционални процеси, подобрени карактеристики, пософистициран дизајн, полесна употреба итн. До бескрај.

Постојано нешто коригираме, подобруваме, измазнуваме, отстрануваме. Ја коригираме формата на носот, усните, забите, кожата. Ја следиме брзата мода и постојано го менуваме начинот на кој изгледаме и се претставуваме.

Како да постои некоја невидлива граница кон која сите се движиме – кон идејата за совршеното.

А нашата опсесија со совршенството, само нè направи послични едни на други, безлични.

Истото ни се случува и со ентериерите.

Индустријата со години се обидува да ги отстрани сите „грешки“од материјалите.

И успеа.

Совршена површина. Совршена боја. Совршена текстура. Иста нијанса на секој сантиметар. Без јазли, без пукнатини, без промени, без траги.

Денес можеме да произведеме површина која изгледа идентично, секогаш и секаде.

И така почнаа да изгледаат и нашите ентериери: совршени, без мани, стерилни, без душа.

Површини кои секогаш изгледаат исто. Повторливи текстури. Материјали кои изгледаат како нешто природно, но се ослободени од сè она што ја прави природата природа – непредвидлива.

И ни се случи еден парадокс.

Во обидот да ја направиме природата совршена, почнавме да ја заменуваме со нејзина имитација.

Дрво без чворови. Мермер без дамки. Кожа без неправилности. Површини кои го имаат изгледот на природниот материјал, но не и неговиот карактер.

Дали со отстранувањето на недостатоците ја отстранивме и карактерноста?

Природните материјали никогаш не биле совршени.

Дрвото работи. Се суши, бабри, се менува со времето. Има чворови, различна текстура, промени во бојата и структурата. И токму поради тоа, секое парче е различно.

Мермерот може да впие течност, да добие дамка, да покаже различна структура од една до друга плоча. Кожата исто така, има различна текстура, дебелина, трага или неправилност.

Тоа не се грешки.

Тоа е материјалот.

Тука е разликата помеѓу материјалот кој само изгледа убаво и материјалот кој има карактер.

Природниот материјал не се обидува да биде совршен. Неговите „слабости“се неговите најсилни карактеристики. Тие се неговата автентичност, неговата историја и доказ дека не станува збор за нешто произведено по една единствена матрица.

Природниот материјал старее, зрее.

И тоа е неговата убавина.

Со текот на времето, дрвото добива друга нијанса. Кожата добива патина. Каменот ги памети трагите од користењето.

Материјалот не останува ист.

И не треба да остане ист.

Природниот материјал не е убав затоа што е совршен.

Убав е затоа што е вистински.

А добриот дизајн не треба да го крие тоа.

Суштината на добриот дизајн не е да го натера материјалот да биде нешто што не е.

Напротив.

Добриот дизајн знае да ги препознае неговите природни карактеристики и да ги претвори во дел од целината.

Да не го сокрие чворот, туку да го прифати.

Да не ја прикрива текстурата, туку да ја истакне.

Да не се плаши од промената, туку да ѝ дозволи да биде дел од животот на предметот.

Затоа што предметите што ги внесуваме во домовите не треба само да изгледаат добро на денот кога ќе ги купиме.

Тие треба да живеат со нас.

Да стареат со нас.

Да се менуваат.

Да носат траги од времето.

И токму затоа убавината не започнува таму каде што исчезнуваат сите несовршености.

Совршеноста не е крајната форма на убавината.

Но, можеби е нејзиниот крај.

август 17, 2026

Плаќаме за професионална услуга или за импровизација?

Имам чувство дека сè почесто плаќаме за услуга, а добиваме импровизација. Импровизацијата стана стандард во речиси секоја услужна дејност.

Одиш на фризер, плаќаш 2000-3000 денари за фризура, па кога ќе се вратиш дома ја поправаш. Или одиш на шминкер, па потоа бришеш дел од шминката за да изгледаш поприродно.

Консултираш адвокат, банкар или сметководител за да не донесеш погрешна одлука, а потоа дополнително проверуваш и на интернет, разговараш со ChatGPT или бараш уште едно мислење. Не затоа што мислиш дека знаеш повеќе од нив, туку затоа што веќе премногу пати си бил разочаран. Не си сигурен дали навистина те сослушале и се потрудиле да го разберат твојот проблем.
А проблемот е што полека се навикнавме.

Полека ги намаливме очекувањата.

  • Кога некој ќе задоцни два часа, велиме: „Добро е, барем дојде.“
  • Кога ќе ни направат половично добра работа, велиме: „Ајде, можеше и полошо.“
  • Кога ќе мораме сами да поправаме туѓи грешки, си велиме дека така функционираат работите кај нас.

И најопасното од сè – престанавме да очекуваме професионализам. Наместо да бараме подобра услуга, бараме некој што барем нема целосно да нè разочара.

Тоа најдобро се гледа токму во индустријата во која работам. Кога нарачуваме мебел по мерка, не очекуваме дека некој ќе ни предложи подобро решение. Не очекуваме дека ќе добиеме технички цртеж, дека некој ќе размисли како полесно ќе се отвора вратата, дали ќе има доволно простор за движење, дали ќе може утре нешто да се сервисира.

Не очекуваме ни некој да ни каже дека идејата што сме ја замислиле можеби не е најдобро решение.

Очекувањата ни се сведени на едно: само да го завршат и да не биде полошо отколку што замислувавме.

Добрата услуга не е луксуз.

Не е нешто за што треба да бидеме благодарни.

Таа е минимумот што треба да го добиеме кога плаќаме некого да си ја работи професијата.

Можеби првиот чекор кон подобри услуги не е да најдеме подобри мајстори. Можеби првиот чекор е повторно да почнеме да очекуваме повеќе. А и проблемот не е само во оние што ја даваат услугата. И ние, како клиенти, сме дел од приказната. Колку пати сме избрале поевтина понуда без да прашаме што всушност добиваме? Колку пати сме рекле: „Нема врска, тамам е“, иако знаевме дека не е тамам?

Ако добрата услуга денес изгледа како пријатно изненадување, тогаш нешто сериозно сме згрешиле како општество.

Ние во MINIMAL не сакаме да бидеме исклучок. Сакаме тоа повторно да стане правило.

јули 21, 2026

Дали навистина за вкусовите не се дискутира?

Дали навистина треба да престанеме да зборуваме за вкусот само затоа што некој рекол De gustibus non est disputandum? Ако е така, тогаш зошто воопшто постојат архитектура, дизајн или уметност? Ако не разговараме за вкусот, тогаш за што да разговараме, дека тревата е зелена, а 2+2=4 !?

Токму вкусот, естетиката и критериумите за убавина се темите околу кои луѓето разменуваат идеи, учат едни од други и го развиваат сопствениот поглед кон светот.

За вкусовите не се дискутира! – е една од најзлоупотребените латински поговорки, која упорно ја користиме како штит против секоја критика или анализа.

Ако вкусот е целосно субјективен, тогаш зошто постојат принципи на архитектура, дизајн, музичка теорија или сликарство? Зошто генерации уметници, архитекти и дизајнери со векови барале правила што создаваат хармонија?

Како и во многу други области, така и во ентериерот, убавината не  е прашање само на лична желба. Вкусот можеби е личен, но добриот дизајн не е случајност. Всушност, целата историја на архитектурата, уметноста и дизајнот е една голема дискусија за вкусот. Vitruvius пишувал за пропорции, Leonardo da Vinci ги проучувал идеалните размери на човечкото тело. Le Corbusier развил систем на пропорции за архитектура. Да не се дискутирало за вкусот, овие идеи никогаш немало да се развијат.

Иако вкусот има лична, субјективна компонента, тој не е непроменлив. Напротив, расте и се развива заедно со човекот, зрее. Затоа во одреден период за нешто мислиш дека ти се допаѓа, па понатаму сфаќаш дека можеби и не. Не затоа што одеднаш сте станале друга личност, туку затоа што вашиот вкус созреал.

А вие што мислите? Дали вкусот е нешто со што се раѓаме, или нешто што го развиваме?

јуни 28, 2026

Дали луѓето го ценат квалитетниот мебел – и зошто НЕ?

Без двоумење плаќаме 1000-2000 евра за телефон, што најверојатно ќе го смениме за две-три години, но кога треба да доплатиме 300 евра за поквалитетен мебел што ќе го користиме следните 20 години, одеднаш стануваме многу внимателни!?

Пред 15тина години, на почетокот на мојата кариера во мебелната индустрија, како тукушто дипломиран студент по дрвноиндустриски науки со голем елан за работа, имав еден колега кој велеше дека луѓето кај нас знаат да ценат коли, не мебел. Ја знаат и познаваат вредноста на автомобилите и за нив би платиле значителна сума на пари, во зависност од моделот и пакетот на опрема, но кога станува збор за мебел, гледаат да поминат само најевтино.

Мебелот (исто како и телефонот и автомобилот) е нешто што го гледаме и користиме секој ден. Креветот, наткасната, комодата – тие остануваат со нас многу подолго од повеќето телефони, телевизори или автомобили.

Можеби најинтересното прашање не е дали луѓето го ценат квалитетот, туку:

-Зошто толку лесно препознаваме вредност кај автомобилите и телефоните, а многу потешко кај мебелот?

-Дали затоа што ни е поважно како ќе нѐ видат другите надвор, а ретко кој ни гледа дома?

Навистина, автомобилот е статусен симбол и го гледаат сите. Телефонот го носиме со себе и секојдневно го покажуваме. Облеката, накитот, фризурата и ноктите кај жените, силиконите и ботоксот … Со овие работи често испраќаме порака на светот кои сме.

Дали инвестираме повеќе во работите што другите ги гледаат отколку во работите што ние сами ги користиме секој ден?

Квалитетниот мебел и добриот ентериер се потивки и невидливи за надворешниот свет. Дополнително, последиците од лош избор кај мебелот се појавуваат по неколку години негово користење. А имам впечаток и дека купувачите не се доволно информирани за материјалите и процесите на изработка.

Темата  е подлабока од што изгледа на прв поглед, но вреди да се размисли. Можеби проблемот не е што не го цениме квалитетот. Можеби едноставно повеќе ја цениме видливата вредност отколку секојдневната удобност.

А вие што мислите? Кои се вашите причини? Какви се вашите практики?

Search for products (0)

Back to Top
Product has been added to your cart
Compare (0)