Убавината не е совршена! Совршенството е за луѓе без имагинација!

Човечка тенденција е постојано да трага и да бара подобри решенија, пофункционални процеси, подобрени карактеристики, пософистициран дизајн, полесна употреба итн. До бескрај.

Постојано нешто коригираме, подобруваме, измазнуваме, отстрануваме. Ја коригираме формата на носот, усните, забите, кожата. Ја следиме брзата мода и постојано го менуваме начинот на кој изгледаме и се претставуваме.

Како да постои некоја невидлива граница кон која сите се движиме – кон идејата за совршеното.

А нашата опсесија со совршенството, само нè направи послични едни на други, безлични.

Истото ни се случува и со ентериерите.

Индустријата со години се обидува да ги отстрани сите „грешки“од материјалите.

И успеа.

Совршена површина. Совршена боја. Совршена текстура. Иста нијанса на секој сантиметар. Без јазли, без пукнатини, без промени, без траги.

Денес можеме да произведеме површина која изгледа идентично, секогаш и секаде.

И така почнаа да изгледаат и нашите ентериери: совршени, без мани, стерилни, без душа.

Површини кои секогаш изгледаат исто. Повторливи текстури. Материјали кои изгледаат како нешто природно, но се ослободени од сè она што ја прави природата природа – непредвидлива.

И ни се случи еден парадокс.

Во обидот да ја направиме природата совршена, почнавме да ја заменуваме со нејзина имитација.

Дрво без чворови. Мермер без дамки. Кожа без неправилности. Површини кои го имаат изгледот на природниот материјал, но не и неговиот карактер.

Дали со отстранувањето на недостатоците ја отстранивме и карактерноста?

Природните материјали никогаш не биле совршени.

Дрвото работи. Се суши, бабри, се менува со времето. Има чворови, различна текстура, промени во бојата и структурата. И токму поради тоа, секое парче е различно.

Мермерот може да впие течност, да добие дамка, да покаже различна структура од една до друга плоча. Кожата исто така, има различна текстура, дебелина, трага или неправилност.

Тоа не се грешки.

Тоа е материјалот.

Тука е разликата помеѓу материјалот кој само изгледа убаво и материјалот кој има карактер.

Природниот материјал не се обидува да биде совршен. Неговите „слабости“се неговите најсилни карактеристики. Тие се неговата автентичност, неговата историја и доказ дека не станува збор за нешто произведено по една единствена матрица.

Природниот материјал старее, зрее.

И тоа е неговата убавина.

Со текот на времето, дрвото добива друга нијанса. Кожата добива патина. Каменот ги памети трагите од користењето.

Материјалот не останува ист.

И не треба да остане ист.

Природниот материјал не е убав затоа што е совршен.

Убав е затоа што е вистински.

А добриот дизајн не треба да го крие тоа.

Суштината на добриот дизајн не е да го натера материјалот да биде нешто што не е.

Напротив.

Добриот дизајн знае да ги препознае неговите природни карактеристики и да ги претвори во дел од целината.

Да не го сокрие чворот, туку да го прифати.

Да не ја прикрива текстурата, туку да ја истакне.

Да не се плаши од промената, туку да ѝ дозволи да биде дел од животот на предметот.

Затоа што предметите што ги внесуваме во домовите не треба само да изгледаат добро на денот кога ќе ги купиме.

Тие треба да живеат со нас.

Да стареат со нас.

Да се менуваат.

Да носат траги од времето.

И токму затоа убавината не започнува таму каде што исчезнуваат сите несовршености.

Совршеноста не е крајната форма на убавината.

Но, можеби е нејзиниот крај.

Leave a Comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *