Дали луѓето го ценат квалитетниот мебел – и зошто НЕ?

Без двоумење плаќаме 1000-2000 евра за телефон, што најверојатно ќе го смениме за две-три години, но кога треба да доплатиме 300 евра за поквалитетен мебел што ќе го користиме следните 20 години, одеднаш стануваме многу внимателни!?

Пред 15тина години, на почетокот на мојата кариера во мебелната индустрија, како тукушто дипломиран студент по дрвноиндустриски науки со голем елан за работа, имав еден колега кој велеше дека луѓето кај нас знаат да ценат коли, не мебел. Ја знаат и познаваат вредноста на автомобилите и за нив би платиле значителна сума на пари, во зависност од моделот и пакетот на опрема, но кога станува збор за мебел, гледаат да поминат само најевтино.

Мебелот (исто како и телефонот и автомобилот) е нешто што го гледаме и користиме секој ден. Креветот, наткасната, комодата – тие остануваат со нас многу подолго од повеќето телефони, телевизори или автомобили.

Можеби најинтересното прашање не е дали луѓето го ценат квалитетот, туку:

-Зошто толку лесно препознаваме вредност кај автомобилите и телефоните, а многу потешко кај мебелот?

-Дали затоа што ни е поважно како ќе нѐ видат другите надвор, а ретко кој ни гледа дома?

Навистина, автомобилот е статусен симбол и го гледаат сите. Телефонот го носиме со себе и секојдневно го покажуваме. Облеката, накитот, фризурата и ноктите кај жените, силиконите и ботоксот … Со овие работи често испраќаме порака на светот кои сме.

Дали инвестираме повеќе во работите што другите ги гледаат отколку во работите што ние сами ги користиме секој ден?

Квалитетниот мебел и добриот ентериер се потивки и невидливи за надворешниот свет. Дополнително, последиците од лош избор кај мебелот се појавуваат по неколку години негово користење. А имам впечаток и дека купувачите не се доволно информирани за материјалите и процесите на изработка.

Темата  е подлабока од што изгледа на прв поглед, но вреди да се размисли. Можеби проблемот не е што не го цениме квалитетот. Можеби едноставно повеќе ја цениме видливата вредност отколку секојдневната удобност.

А вие што мислите? Кои се вашите причини? Какви се вашите практики?

Leave a Comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *